Доналд Трамп ги повика членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбраната на 5% од својот бруто домашен производ, повторувајќи ги своите долгогодишни тврдења дека тие не плаќаат доволно за заштита на САД.
„Сите можат да си го дозволат тоа, но треба да бидат пет проценти, а не два проценти. Европа дава само мал дел од парите во споредба со нас. Меѓу нас има една работа што се вика океан. Зошто ние би давале милијарди и милијарди долари повеќе од Европа?“, кажа Трамп.
Трамп е скептичен кон НАТО и минатиот месец ја повтори својата позната закана дека САД ќе излезат од алијансата ако членките не го зголемат трошењето за одбраната. Новиот генерален секретар на НАТО Марк Руте исто така бара од државите да издвојуваат повеќе од 2%, прагот што моментално не го надминуваат девет од 32-те членки.
Трамп исто така кажа дека Џо Бајден одлучил Украина да стане членка на НАТО, што ја поттикнало Русија да ја почне инвазијата во 2022.
„Пред многу, многу години, уште пред Путин, Русија рекла дека Украина не може да биде членка на НАТО, тоа е запишано во камен. Во еден момент, Бајден рекол дека може да биде членка и на тој начин, Русија има некого на самиот праг и затоа ги разбирам нејзините чувства околу ова“, рече Трамп.