Доналд Трамп ги повика европските сојузници да преземат околу 800 борци на Исламска држава заробени во Сирија за да им судат.
„Калифатот е зрел да падне. Ние потоа нема да имаме друга алтернатива и ќе бидеме принудени да ги ослободиме“, напиша Трамп на Твитер.
Ова уследи откако сириските борци поддржани од САД ја нападнаа последната мала енклава на ИСИС на реката Еуфрат, доведувајќи го на прагот на целосен пораз. Командирот на Сириските демократски сили (СДФ) Џија Фурат изјави дека преостанатите милитанти се опкружени во близина на селото Багуз кај ирачката граница и се изложени на оган од сите страни.
„Во претстојните денови, за многу кратко време, ќе прогласиме воен крај на Исламска држава“, кажа Фурат.
СДФ напредуваше со голема брзина во изминатите денови со поддршка од американските воздушни напади, при што поразените џихадисти, од кои голем број странци, се обидувале да избегаат измешани меѓу цивилите. Во четвртокот, 19-годишната Шамима Бегум побара од британските власти да ѝ дозволат да се врати дома, четири години откако му се придружи на ИСИС со уште две средношколки.
„САД ги замолуваат Велика Британија, Франција, Германија и останатите европски сојузници да преземат околу 800 странски борци што ги заробивме во Сирија и да им судат. Ние не сакаме тие борци да се разбегаат низ Европа, бидејќи очекуваме таму да одат. Ние сторивме и потрошивме многу и време е други да се вклучат. Ние целосно се повлекуваме по поразот на калифатот“, кажа Трамп.