Секоја година од 1901 тие се состануваат во тајност, дури не откриваат кога и сега за првпат им дозволија на новинарите да влезат во нивниот ексклузивен круг. Членовите на норвешкиот Нобелов комитет тука ја носат одлуката кој ќе ја добие Нобеловата награда за мир, што ќе биде објавено утре.
Петтемина членови и секретарот се сретнаа во собата на Комитетот во Нобеловиот институт во Осло, украсена со истите лустер и мебел од даб од првото доделување на наградата. Комитетот почна да заседава во понеделникот, четири дена пред објавувањето на името на добитникот.
„Разговараме, се расправаме, има висока температура. Но, цивилизирани сме и секоја година се обидуваме да донесеме одлука заснована врз консензус“, вели Јерген Ватне Фриднес, претседателот на Комитетот.
Оваа година, една личност надвиснува над целиот таен процес: Доналд Трамп. Американскиот претседател не крие дека сака да добие Нобелова награда за мир, дури е опседнат со тоа. Често истакнува дека решил седум војни откако се врати во Белата куќа во јануари, а денеска објави и дека Израел и Хамас се согласиле со прекин на огнот и ослободување на заложниците, што е содржано во неговиот мировен план за Газа од 20 точки.
„Сите велат дека треба да ја добијам, но ќе ја дадат на некој тип кој не направил ништо. Ќе ја дадат на некој кој напишал книга за умот на Доналд Трамп. Тоа ќе биде голема навреда за нашата земја“, кажа Трамп минатиот месец.
Фриднес вели дека не е вознемирен од какво било чувство на јавен притисок.
„Секоја година добиваме илјадници писма, е-пошта и барања од луѓе кои велат ‘ова е оној што треба да го изберете‘, па затоа таа кампања, тој притисок не е нешто ново“, вели Фриднес.
Главната пречка за Трамп е што номинирањето за оваа година заврши во јануари, кога тој се врати во Белата куќа. Притоа пристигнале 338 номинации.
„Ако неговиот план за Газа се оствари, Трамп секако ќе биде кандидат следната година. Ќе биде тешко да се занемари тоа“, додаде Фриднес.
Четворица американски претседатели досега ја добија Нобеловата награда за мир, Барак Обама беше последниот.
„Доколку се викав Обама, би ми ја дале Нобеловата награда за десет секунди“, се пожали Трамп.