Доналд Трамп кажа дека вооружени професори би можеле да спречат пукања како последното, што се случи во средното училиште на Флорида, кога беа убиени 17 луѓе.
Тој го предложи ова на состанокот во Белата куќа со ученици кои го преживеаја масакрот на 14 февруари. Тие побараа од него да преземе нешто, за да не се повторат такви трагедии.
„Доколку некој вработен во училиштето имаше пиштол, тој многу брзо можеше да го реши нападот“, кажа Трамп.
Трамп ги поддржа повиците да се воведат построги контроли и проверки на оние кои купуваат оружје.
„Ќе воведеме строги проверки, со акцент на менталното здравје на купувачите. Тоа нема да бидат само разговори како во минатото“, додаде Трамп.
Тој беше критикуван на социјалните мрежи што на состанокот дошол со потсетник за тоа што треба да го каже пред средношколците. Освен четири прашања, на ливчето имало и потсетник дека треба да каже „ве слушам“.
„Каква личност треба да бидеш за да ти треба ливче за да покажеш емпатија пред деца кои преживеале масовно пукање?“, напишаа на Твитер.