Доналд Трамп кажа дека бездомниците мора да се иселат од Вашингтон и вети дека ќе се справи со криминалот во градот, додека градоначалничката Мјуриел Баузер ги отфрли споредбите на главниот град со Багдад.
„Ќе ви дадеме место за престој, но далеку од главниот град“, кажа Трамп.
Тој најави план со кој „градот ќе стане поубав и побезбеден од порано“.
„Нема пораст на криминалот во градот. Во последните две години ги намаливме насилните злосторства во овој град, спуштајќи ги на најниско ниво во последните 30 години“, кажа Баузер, која е демократка.
Трамп ја опиша Баузер како „добра личност која се обидела“, додавајќи дека и покрај нејзините напори, криминалот продолжува да се влошува и градот станува повалкан и помалку привлечен.
Минатиот месец Трамп потпиша извршна наредба која овозможува полесно апсење на бездомниците, а минатата недела им нареди на неколку федерални агенции да излезат на улиците на Вашингтон за да се справат со криминалот.
„Бездомниците мора да се иселат, веднаш! Криминалците не мора да се иселуваат, ќе ги сместиме во затвор каде што припаѓаат. Си го сакаме градот назад“, рече Трамп.
Спецификите на планот на Трамп не се јасни, но во говор од 2022 тој предложи преместување на бездомниците во „висококвалитетни шатори на евтино земјиште надвор од градовите“, каде би добиле пристап до тоалети и медицински професионалци.