Доналд Трамп ги нагости фудбалерите и управата на Јувентус во Белата куќа, при што ги стави во незгодна позиција, кога се обиде да ги вклучи во дебата за трансродови жени во спортот. Јувентус, за кој играат и американските репрезентативци Тимоти Веа и Вестон Мекени, е во САД поради настапите на Светското клупско првенство.
Трамп, кој во февруари потпиша извршна наредба со која се забрани учеството на трансродови лица во женски спортови, во еден момент се сврте кон играчите и челниците на Јувентус и ги праша што мислат за тоа.
„Дали жена би можела да влезе во вашиот тим?“, ги праша Трамп играчите, кои нервозно се смееја и ништо не му одговорија.
Откако тој го повтори прашањето, реагираше генералниот менаџер на Јувентус, Дамијан Комоли.
„Ние имаме многу добра женска екипа“, кажа Комоли.
„Но, тие би требало да играат против жени“, упорен беше Трамп, на што Комоли не му одговори.
„Тој звучи многу дипломатски“, кажа Трамп за Комоли.
Трамп не застана на тоа, па на фудбалерите им збореше и за имиграција и меѓународни прашања.