ТРАМП СЕ СРЕТНА СО СИРИСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ АЛ ШАРА И МУ РЕЧЕ ДА СЕ СМИРИ СО ИЗРАЕЛ

    ТРАМП СЕ СРЕТНА СО СИРИСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ АЛ ШАРА И МУ РЕЧЕ ДА СЕ СМИРИ СО ИЗРАЕЛНа фотографиите објавени на Саудиската државна телевизија се гледа како Трамп и Ал-Шара се ракуваат во присуство на престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман. (Фото: Гети)

    Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Саудиска Арабија се сретна со претседателот на Сирија Ахмед ал-Шара и му рече да ги нормализира односите со долгогодишниот непријател Израел, по ненадејната објава на САД дека ќе ги укине сите санкции врз владата предводена од исламисти. Трамп се сретна со Ахмед ал-Шара, кој во минатото се заколна на верност кон Ал Каеда и дојде на власт на чело на група што Вашингтон ја означи како терористичка организација, пред самитот меѓу САД и арапските земји од Заливот.

    Тој го повика сирискиот претседател да им се придружи на Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Мароко, кои ги нормализираа односите со Израел според Абрахамовите договори посредувани од САД во 2020, соопшти Белата куќа на Икс.

    Според „Вашингтон пост“, Трамп рече дека мисли оти Сирија ќе се придружи во одреден момент.

    „Мислам дека мора да се смират. Му реков: ‘Се надевам дека ќе се придружиш кога ќе се среди тоа’. Тој рече: ‘Да’. Но, тие имаат многу работа да завршат“, рече Трамп.

    На фотографиите објавени на Саудиската државна телевизија се гледа како се ракуваат во присуство на престолонаследникот на Саудиска Арабија, принцот Мохамед бин Салман.

    Овој потег претставува голема промена на политиката на САД. САД ја прогласија Сирија за држава спонзор на тероризмот во 1979, додадоа санкции во 2004 година и воведоа дополнителни санкции по избувнувањето на граѓанската војна во 2011.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира