Доналд Трамп се закани дека ќе го уништи најголемото гасно поле на светот ако Иран повторно го нападне Катар. Иран двапати ја ракетираше индустриската област Рас Лафан во Катар, каде што се наоѓа најголемата постројка за производство на течен природен гас во светот, одмаздувајќи се за израелскиот напад врз гасното поле Јужен Парс, што беше прв потврден напад врз иранската енергетска инфраструктура од почетокот на војната пред речиси три недели.
Иако израелските медиуми и „Вол стрит џурнал“ објавија дека нападот врз Јужен Парс бил изведен со одобрение од САД, Трамп тврди дека Вашингтон не знаел ништо за нападот, а Катар не бил вклучен на ниеден начин во него. Тој вети дека Израел повеќе нема да го напаѓа ова гасно поле.
„Од гнев за она што се случи на Блиски Исток, Израел жестоко се налути. САД не знаеја ништо за овој конкретен напад, а Катар на никаков начин, облик или форма не беше вклучен во него, ниту, пак, знаеше дека тоа ќе се случи. Затоа иранските одмазднички напади врз Рас Лафан беа неоправдани и неправедни. Израел нема повторно да го нападне Јужен Парс, освен ако Иран неразумно не одлучи да нападне друга невина нација, што во овој случај беше Катар“, кажа Трамп.
Тој додаде дека ако Катар биде повторно нападнат, САД ќе го разнесат целото гасно поле Јужен Парс.
Иранските напади врз Рас Лафан предизвикале пожари и големи штети, но немало жртви. Пожарите во меѓувреме биле ставени под контрола, објави „КатарЕнерџи“. Во исто време, Саудиска Арабија кажа дека пресретнала четири балистички проектили што летале кон Ријад и спречила напад со дронови врз рафинерија на истокот на земјата.
Бидејќи деескалација не е на повидок, Трамп размислувал да испрати уште илјадници американски војници на Блиски Исток, изјавија четири добро запознати извори за „Ројтерс“, додавајќи дека овие трупи би можеле да бидат искористени за обезбедување на бродовите што минуваат низ Ормускиот Теснец.



