Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата соопшти дека му наредил на Пентагон да се подготви за можна воена акција во Нигерија, обвинувајќи ја африканската земја дека не прави доволно за да го спречи насилството врз христијаните, обвинување кое Нигерија постојано го негира.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп го критикуваше, како што го нарече, „масовниот масакр“ на христијани во земјата, пишувајќи дека САД „веднаш ќе ја запрат сета помош и асистенција за Нигерија“ и ја предупреди тамошната влада „брзо да дејствува“.
Во долгата порака, Трамп наведе дека САД „многу веројатно би можеле да влезат во таа сега посрамотена земја, ‘со пушки на готовс’, за целосно да ги збришат исламските терористи кои ги вршат овие ужасни злосторства“.
„Со ова му наложувам на нашето Министерство за војна да се подготви за можна акција“, напиша Трамп. „Ако нападнеме, тоа ќе биде брзо, жестоко и слатко, исто како што терористичките насилници ги напаѓаат нашите СВЕТИ ХРИСТИЈАНИ! ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: ВЛАДАТА НА НИГЕРИЈА ПОДОБРО ДА ДЕЈСТВУВА БРЗО!“.
Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, одговори на социјалните мрежи со скриншот од коментарите на Трамп, пишувајќи: „Да, господине“.
„Убивањето на невини христијани во Нигерија – и каде било – мора веднаш да престане. Министерството за војна се подготвува за акција. Или нигериската влада ќе ги заштити христијаните, или ние ќе ги убиеме исламските терористи кои ги вршат овие ужасни злосторства“, додаде Хегсет.
И христијаните и муслиманите се жртви на напади од страна на радикалните исламисти во земјата со повеќе од 230 милиони жители. Насилството е поттикнато од различни фактори: некои инциденти се верски мотивирани, додека други произлегуваат од спорови меѓу земјоделците и сточарите околу ограничените ресурси, како и од комунални и етнички тензии. Иако христијаните се меѓу целите, локалните извештаи укажуваат дека повеќето жртви се муслимани кои живеат во претежно муслиманскиот север на Нигерија.



