Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Илон Маск го обновил пристапот на Украина до сателитскиот интернет Старлинк, откако претходните ограничувања предизвикаа пречки во дејствувањето на украинските вооружени сили. Трамп излезе со оваа изјава откако украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека врската со воената мрежа Старшилд, обезбедена преку сателитскиот систем Старлинк, сè уште не е целосно вратена во функција.
Трамп одби да коментира дали лично му се јавил на Маск со барање да ги укине рестрикциите, но рече дека најважно е тоа што Маск ја вратил услугата. Претходно и неговата администрација негираше дека дала наредба за ограничување на пристапот, а и самиот Маск отфрли дека стои зад забавувањето на интернетот, кое се одрази врз можноста на Киев да користи дронови за напади врз руски цели и за одбрана.
Ограничувањата на врската се појавија во период кога Трамп врши притисок врз Зеленски да ги запре нападите врз руските нафтени рафинерии, со образложение дека тие влијаат врз растот на цените. Пред претстојните избори за Конгресот следниот месец, Трамп укина дел од санкциите кон Русија и договори увоз на руски дизел за потребите на пазарот во САД, потег што наиде на остри критики од Украина и од европските сојузници.
Украинската армија истовремено користи две верзии на системот, комерцијалниот Старлинк и побезбедниот Старшилд, во зависност од комуникациските потреби. Двете мрежи се потпираат на 10.000 сателити во ниската орбита на Земјата за обезбедување стабилна врска на боиштата и во оддалечените области, каде што брзиот интернет е неопходен за ефикасно управување со беспилотните летала.
Зеленски претходно на прес-конференција кажа дека брзината на воениот систем сè уште не е вратена на 400 километри на час и дека се работи на надминување на проблемот. Тој додаде дека очекува информации од американскиот државен секретар Марко Рубио во рок од 48 часа.
Непосредно по изјавата на Зеленски, „Волстрит џурнал“ објави дека Трамп телефонски побарал од Маск да ги тргне ограничувањата за украинската армија, откако изразил незадоволство што брзината била ограничена на околу 160 километри на час. Тој лимит ги направи украинските офанзивни и пресретнувачки дронови речиси неупотребливи против руските напади. Според медиумот, системот почнал да работи понормално веднаш по нивниот разговор.



