Доналд Трамп негираше дека постои несогласување помеѓу него и потпретседателот Џеј-Ди Венс околу војната со Иран, велејќи дека тој е „филозофски малку поинаков од мене“.
„Венс можеби беше помалку ентузијастичен за почнување напади врз Иран, но ваквата одлука беше неопходна. Чувствував дека е нешто што мора да го направиме, дека немаме избор“, кажа Трамп.
Во услови кога оваа година се одржуваат меѓуизбори во САД, дури и некои републиканции изразија резервираност околу тоа како војната во Иран се вклопува во движењето „Америка на прво место“, што беше промовирано во времето на Трамп, особено од Венс. Пред да почнат нападите, Венс кажа дека „нема шанси дека САД би се вклучиле во долготрајна војна како онаа во Ирак“.
Од почетокот на нападите пред 11 дена, од владата на Трамп даваа различни проценки за тоа колку време ќе трае војната, при што најчесто се збореше за неколку недели. Трамп последно ја опиша војната како „краткотрајна екскурзија“.
Венс му дава поддршка на Трамп од почетокот на војната, отфрлајќи ги споредбите со претходните војни, како оние во Авганистан и Ирак.
„Она што е толку различно во врска со ова е што претседателот јасно дефинираше што сака да постигне“, кажа Венс.
И додека Израел вели дека неговата воена цел е да го собори иранскиот систем на верско владеење, американските функционери најчесто велат дека целта на Вашингтон е да ги уништи ракетните капацитети и нуклеарната програма на Иран. Сепак, и Трамп рече дека војната може да заврши само со послушна иранска влада.



