ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА СЕ ВОДАТ „СЕРИОЗНИ РАЗГОВОРИ“ СО ИРАН ДОДЕКА РАСТАТ ТЕНЗИИТЕ ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ

    ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА СЕ ВОДАТ „СЕРИОЗНИ РАЗГОВОРИ“ СО ИРАН ДОДЕКА РАСТАТ ТЕНЗИИТЕ ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВСАД веќе го испратија носачот на авиони „Абрахам Линколн“ во регионот и го предупредија Иран да избегнува непрофесионално однесување во близина на американските сили. (Фото: ДПА)

    Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Иран е во фаза на сериозни преговори со Соединетите Американски Држави, по зголеменото присуство на американските воени сили во Персискиот Залив. Трамп изрази надеж дека дијалогот ќе резултира со прифатливо решение, во период кога односите меѓу двете земји се крајно затегнати поради нуклеарните амбиции на Техеран и репресијата врз демонстрантите во земјата.

    Информацијата за напредок во преговорите ја потврди и високиот ирански претставник за безбедност Али Лариџани. Сепак, официјален Техеран најави дека силно ќе одговори на секаква евентуална агресија, додека за недела е закажана дводневна воена вежба на иранската морнарица во Ормуцкиот Теснец. Овој воден пат е клучна точка за светскиот транспорт на нафта, а Иран и претходно се закануваше со негово затворање.

    САД веќе го испратија носачот на авиони „Абрахам Линколн“ во регионот и го предупредија Иран да избегнува непрофесионално однесување во близина на американските сили. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи реагираше дека американската војска се обидува да диктира како иранските вооружени сили треба да вежбаат на сопствена територија.

    Дополнителна вознемиреност во Иран предизвикаа две експлозии во градовите Бандар Абас и Ахваз. Локалните власти тврдат дека причината е истекување гас, иако на социјалните мрежи се појавија шпекулации за напади врз воени команданти.

    Трамп неодамна изјави дека Иран мора да исполни два услова за да избегне воена акција, да се откаже од нуклеарното оружје и да престане со убивањето на демонстрантите. Според податоците на активистите за човекови права, во тековните немири во Иран се убиени илјадници луѓе, додека врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи ги обвини демонстрантите за напади врз државни објекти и прогласи дека обидот за државен удар е сузбиен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира