Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ќе ја преобликува американската надворешна политика и ќе донесе можни радикални пресврти на повеќе фронтови. За време на кампањата, Трамп даваше широки политички ветувања, често без конкретни детали, засновани врз принципите на неинтервенционизам и трговски протекционизам, ставајќи ја Америка на првото место.
Во поглед на Украина, Трамп често повторуваше дека може да ја заврши војната за еден ден. На прашањето како, тој предложи да надгледува договор, но одби да открие детали.
Во истражувачки труд напишан во мај, двајца поранешни шефови за национална безбедност на Трамп кажаа дека САД треба да продолжат да ја снабдуваат Украина со оружје, но тоа да го условат со ветување на Киев дека ќе почне мировни преговори со Русија, засновани врз сегашните линии на фронтот. За да ја одоброволи Москва, западот би ветил одложување на приемот на Украина во НАТО.
Трамп, кој го нарече Володимир Зеленски „најголемиот трговец на светот“, вели дека неговиот приоритет е да се запре војната и да се стави крај на трошењето на американските ресурси.
Трамп вети дека ќе донесе мир и на Блиски Исток, алудирајќи на војните на Израел во Газа и Либан, но исто така не кажа како. Тој кажуваше дека доколку беше на власт, Хамас никогаш не би го нападнал Израел поради неговата политика на максимален притисок врз Иран. Додека беше претседател, Трамп водеше силни произраелски политики, а Бенјамин Нетанјаху за него кажа дека е „најдобриот пријател што Израел го имал во Белата куќа“.
Покрај Израел, Трамп има и историја на силни односи со клучните арапски држави кои имаат контакти со Хамас.
Пристапот кон Кина е најважната стратешка област на Америка во надворешната политика. Додека беше на функцијата, Трамп ја означи Кина како стратешки конкурент и воведе царини за увозот на некои кинески производи во САД, што во голем дел беа задржани од Џо Бајден.
Трамп го величеше кинескиот претседател Шји Џинпинг како брилијантен, опасен и високо ефективен лидер. Тој би можел да се оддалечи од пристапот на администрацијата на Бајден за градење посилни безбедносни партнерства со другите регионални земји во обид да се скроти Кина. САД ја задржаа воената помош за Тајван и Трамп неодамна кажа дека нема да мора да користи воена сила за да спречи кинеска блокада на Тајван, туку само ќе воведе парализирачки увозни тарифи за Кина.