САД воведоа нови санкции за Русија, кои се однесуваат на нафтените компании „Роснефт“ и „Лукоил“ во обид да се притисне Москва да преговара за мировен договор со Украина.
„Секој пат кога зборам со Путин имаме добар разговор и потоа тоа не води никаде. Тоа едноставно не води никаде“, рече Доналд Трамп по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Најавата за санкции уследи еден ден откако Трамп кажа дека планираниот самит со Путин во Будимпешта е одложен на неодредено време, по што Русија изведе жесток напад врз Украина, во кој загинаа најмалку седум лица.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека новите санкции се потребни поради „одбивањето на Путин да ја заврши оваа бесмислена војна“. Тој рече дека овие нафтени компании ја финансираат воената машина на Кремљ.
„Сега е време да се запре убивањето и за итен прекин на огнот“, рече Бесент.
На средбата со Руте во Белата куќа, Трамп го критикуваше Путин дека не е сериозен во врска со склучувањето мир и рече дека се надева оти санкциите ќе помогнат да се постигне напредок.
„Почувствував дека е време. Чекавме предолго. Овој пакет санкции е огромен, но се надевам дека брзо ќе ги повлечеме ако Русија се согласи да ја запре војната“, рече Трамп.
Руте го пофали потегот, велејќи дека тоа е вршење поголем притисок врз Путин.
Трамп ја откажа средбата со Путин зашто тој не се согласува со неговиот предлог борбите да запрат на сегашната линија на фронтот.
Двете нафтени компании извезуваат 3,1 милион барели нафта дневно, а „Роснефт“ е одговорен за речиси половина од вкупното руско производство на нафта. Нафтата и гасот се најважните извозни производи на Русија, а меѓу најголемите клиенти на Москва се Кина, Индија и Турција. Трамп, исто така, ги повика овие земји да престанат да купуваат руска нафта во обид да се изврши економски притисок врз Кремљ.



