Демократите во Претставничкиот дом објавија е-пошта за која велат дека отвора нови прашања за односот на Доналд Трамп со сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстајн и колку тој знаел за злоупотребата на малолетни девојчиња, што Белата куќа го оцени како лажен наратив. Задужбината на Епстајн потврди дека му предала на Наздорниот комитет на Претставничкиот дом повеќе од 2.900 документи со 23.124 страници.
Демократите објавија мејлови што Епстајн ги разменил со неговата соработничка Гилејн Максвел и авторот Мајкл Волф. Во еден мејл до Волф од 2019, Епстајн напишал дека Трамп „знаел за девојчињата“, иако не е јасно што значи тоа.
Мејловите вклучуваат порака до Максвел од 2011, во која Епстајн го опишал Трамп како „куче што не лае“, додавајќи дека тој „поминал часови во мојата куќа“ со една од неговите жртви, чие име е скриено.
Трамп постојано негира дека знаел дека Епстајн вршел трговија со луѓе. Тој не крие дека некогаш биле пријатели, но потоа се скарале.
„Демократите селективно објавуваат е-пошта до либералните медиуми за да создадат лажен наратив со цел да го оцрнат претседателот Трамп“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, додавајќи дека споменатата жртва е покојната Вирџинија Гифре, која постојано повторувала дека Трамп не бил вмешан во никакво кривично дело.
Случајот Епстајн го прогонува Трамп со месеци. Дури и некои негови политички поддржувачи веруваат дека владата ги прикрива врските на Епстајн со богатите и моќните. Највисокиот демократ во Надзорниот комитет, Роберт Гарсија, денеска го повика министерството за правда целосно да ги објави досиејата на Епстајн.
„Колку повеќе Доналд Трамп се обидува да ги прикрие досиејата на Епстајн, толку повеќе откриваме. Овие најнови пораки и преписки покренуваат прашања што друго крие Белата куќа за односот помеѓу Епстајн и претседателот“, рече тој.



