Две лица загинаа, а 39 се повредени откако трамвај излета од шини во Милано. Трамвајот бил полн со патници кога удрил во страничен ѕид од зграда.
Властите кажаа дека еден од загинатите не е од патниците, туку бил пешак во кого удрил трамвајот. Италијанските медиуми велат дека има неколкумина сериозно повредени.
Патниците опишаа дека слушнале бучава под трамвајот, по што тој скршнал, забрзал и удрил во зграда. Не е јасно што го предизвикало излетувањето од шините, иако медиумските извештаи сугерираат дека трамвајот пребрзо свртел во остра кривина, кога излетал.
Новинската агенција „АНСА“ објави дека трамвајот што учествуваше во несреќата е нов и опремен со напредна технологија, а во функција е само една година.



