Најмалку 13 луѓе загинаа во вчерашниот пад на руски борбен авион во станбена област во јужниот руски град Јејск близу Украина. Двајцата пилоти на „су-34“, кои биле на тренинг лет, успеале да се катапултираат, пред авионот да удри во зграда, која притоа се запали.
Руските власти го ревидираа бројот на жртвите откако заврши потрагата по урнатините, а меѓу нив се и три деца. Од деветкатната зграда се извлечени 68 станари, од кои 19 се повредени.
„Според извештајот на пилотите, причината за падот е пожар на еден од моторите при полетувањето“, објави руското министерство за одбрана.
Јејск се наоѓа близу воената зона во источна Украина и се користи како тренинг поле за руската поморска авијација.
Локалните медиуми објавија дека во несреќата се запалиле две згради. Кремљ им нареди на националните и регионалните власти да ја обезбедат сета потребна помош за жртвите, а Истражувачкиот комитет отвори кривичен случај.