Тројца врвни планинари се пронајдени мртви откако пред неколку дена биле погодени од лавина во националниот парк Банф во Канада.
Австријците Давид Лама (28) и Хансјерг Ојер (35) и нивниот американски колега Џес Роскели (36) се обидуваа да ја искачат источната страна на Хаус Пик и од средата се водеа како исчезнати, а спасувачката акција беше попречувана од лошите временски услови.
Канадските власти изјавија дека во областа кадешто се пронајдени имало знаци на повеќе лавини.
Спонзорирани од компанијата „Норт фејс“, на својата експедиција да го искачат Хаус Пик тие тргнале по маршрута за која се знае дека досега била совладана само еднаш.
Сите тројца важеа за угледни имиња во планинарската заедница. Роскели во 2003 година, кога имаше само 20 години, стана најмладиот Американец кој го искачил Монт Еверест, додека Лама беше дел од тимот кој прв успеа да изведе слободно качување по патеката Компресор на планината Серо Торе во Јужна Патагонија. На својот последен подвиг, Ојер комплетираше соло искачување на 7.181 метар висок врв во Пакистан.