ТРОЈЦА ЗАГИНАТИ ВО ИЗРАЕЛ, 78 МРТВИ ВО ИРАН ВО СЕРИЈА ВОЗДУШНИ НАПАДИ, ПОГОДЕНИ ТРИ ИРАНСКИ НУКЛЕАРНИ ПОСТРОЈКИ

    ТРОЈЦА ЗАГИНАТИ ВО ИЗРАЕЛ, 78 МРТВИ ВО ИРАН ВО СЕРИЈА ВОЗДУШНИ НАПАДИ, ПОГОДЕНИ ТРИ ИРАНСКИ НУКЛЕАРНИ ПОСТРОЈКИСпасувачките екипи ги пребаруваат урнатините на станбени згради во Ришон Лезион близу Тел Авив (Фото: АП)

    Најмалку тројца луѓе загинаа во Израел во иранските ракетни удари, кои уследија како одмазда за вчерашните израелски напади врз Иран, со кои започна операцијата „Исправен лав“.

    Иран синоќа лансираше стотина балистички проектили кон Израел, при што имаше експлозии и во Тел Авив и Ерусалим, а ноќеска го нападна централниот дел на земјата. Притоа се повредени повеќе од 20 луѓе, додека спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат урнатините на станбени згради во Ришон Лезион, град во близина на Тел Авив.

    Иранското раководство ја премина црвената линија со нападите врз цивили и ќе плати висока цена за тоа“, изјави израелскиот министер за одбрана Израел Кац.

    Иранските државни медиуми објавија дека 78 луѓе загинале во израелските воздушни напади, а повеќе од 320 се ранети. Израел инсистира дека напаѓа само нуклеарни и воени мети, но снимки покажуваат дека се оштетени и бројни цивилни згради и домови.

    Израелските одбранбени сили (ИДФ) утрово кратко објавија дека продолжуваат нападите врз Иран. Ноќеска се слушнале неколку експлозии во Техеран, при што бил погоден и аеродромот „Мерабад“.

    Израелските воздушни сили продолжуваат да гаѓаат мети за да се отстрани заканата од Иран“, соопштија ИДФ на Икс.

    Израел вчера ја започна најголемата офанзива против својот долгогодишен непријател, во обид да го спречи да произведе атомско оружје. Во вчерашните напади биле погодени три ирански нуклеарни постројки, каде што се врши збогатување ураниум.

    Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Дени Данон, рече дека разузнавачките служби потврдиле дека Иран во рок од неколку дена би имал доволно материјал за да произведе повеќе атомски бомби. Иран долго време инсистира дека неговата нуклеарна програма е само за цивилни цели. Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН оваа недела заклучи дека Иран ги прекршува своите обврски од глобалниот договор за неширење на оружјето.

    Иран го обвини Израел дека почнал војна и вети дека сурово ќе го казни. Исто така ја обвини Америка дека е соучесник во нападите и дека ќе сноси целосна одговорност за последиците. Вашингтон призна дека му помогнал на Израел во пресретнувањето на иранските проектили.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира