Трудница од Алабама која била застрелана во стомак, при што куршумите ѝ го усмртиле фетусот, е обвинета за убиство. Маршеј Џонс била во петтиот месец од бременоста кога била застрелана од друга жена пред продавница во Плезнт Гроув во декември. Дваесет и седумгодишната Џонс сега е обвинета за убиство според новиот строг закон против абортус и ќе биде задржана во притвор со кауција од 50.000 долари, додека жената која пукала во неа е ослободена.
„Истрагата покажа дека единствената вистинска жртва во овој случај е нероденото бебе. Токму мајката на бебето ја почнала и продолжила тепачката, што резултирала со смрт на нејзиното неродено бебе“, изјави Дени Рид од полициската станица во Плезнт Гроув.
Ова уследи откако гувернерот на Алабама Кеј Ајви во мај потпиша закон кој забранува абортус во речиси сите околности, вклучувајќи силување и инцест. Алабама е една од 38-те сојузни држави која признава убиство на фетус.