Илјадници луѓе се собраа во градовите низ Полска за да му оддадат почит на убиениот градоначалник на Гдањск Павел Адамович, но и да укажат на сѐ пораспространетиот говор на омраза во земјата.
Во Гдањск, кадешто 53-годишниот Адамович завчера беше фатално избоден со нож за време на хуманитарен настан, илјадници луѓе одржаа минута молчење пред градското собрание, кадешто тој повеќе од 20 години служеше како градоначалник. На присутните им се обрати претседателот на Европскиот совет и пријател на Адамович, Доналд Туск.
„Драг Павел, сите сме денеска овдека со тебе како твои пријатели. Мораше да чекаш толку долго, сѐ до ваков трагичен настан, за да видиш колку пријатели си имал во Гдањск“, кажа Туск.
Адамович вчера попладне им подлегна на тешките повреди во пределот на срцето и стомакот. Дваесет и седумгодишниот убиец, кој неодамна беше пуштен од затвор, ја обвинуваше поранешната партија на Адамович, Цивилна платформа, за негово затворање во 2014 година.
Адамович беше популарен либерален градоначалник, кој во 1980-ите беше дел од силната демократска опозиција на чело со Лех Валеса. Откако ја напушти Цивилната платформа, тој лани го доби шестиот градоначалнички мандат како независен кандидат.
Полската јавност смета дека нападот врз Адамович се должи на растечките тензии во општеството и сѐ поприсутниот говор на омраза. Дури и пред неговото убиство, се најавуваше дека низ Полска ќе се одржат тивки протести.