Американските претставници истражувале претходно непријавен експеримент во Норвешка, во кој владин научник тестирал микробранов уред и развил невролошки симптоми слични на таканаречениот Хавански синдром, објави денеска „Вашингтон пост“, повикувајќи се на луѓе запознаени со ова прашање. Норвешка ја информирала ЦИА за инцидентот, што довело до најмалку две посети од претставници на Пентагон и Белата куќа, се вели во извештајот.
Луѓе запознаени со тестот рекле дека резултатите не докажуваат оти американските дипломати и шпиони биле мета на странски противник, иако покажале дека уредите со пулсирана енергија можат да влијаат на човечката биологија.
Симптомите што вклучуваат главоболки, проблеми со рамнотежата и тешкотии со размислувањето и спиењето за првпат беа пријавени во Куба во 2016 – што доведе до етикетата „Хавански синдром“, а подоцна и од стотици американски работници во повеќе земји. Администрацијата на Бајден се соочи со притисок да спроведе истрага по извештаите од американски персонал за значителни повреди на мозокот и други симптоми, откако беше цел на она што некои го посочија како обид за вознемирување и повреда на Американците што работат во странство. Но, официјалните лица не беа во можност да најдат објаснување.



