Обвинителот на Истанбул го обвини популарниот градоначалник Екрем Имамоглу за 142 корупциски прекршоци, што носат затворска казна од 828 до 2.352 години. Имамоглу, кој се смета за главен политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, е во притвор од март поради сомнение за корупција.
Градоначалникот на Истанбул и неговата Републиканска народна партија (ЦХП) негираат какво било кривично дело и ги обвинуваат Ердоган и неговите сојузници за репресија како одговор на падот на популарноста на претседателот.
Главниот градски обвинител Акин Гурлек не го таргетира само Имамоглу, туку уште 401 лице, кои се обвинуваат за учество во криминална корупциска мрежа, чиј основач и водач е Имамоглу. По осуммесечна истрага, Гурлек изјави дека осомничените, од кои 105 се во притвор, формирале огромна криминална организација која се занимавала со давање и примање мито и со перење пари. Поради тоа, загубите за турската држава изнесувале 3,8 милијарди долари, рече тој.
Имамоглу, кој е кандидат на секуларната ЦХП за претседателските избори во 2028, се товари со 12 обвиненија за мито, седум обвиненија за перење пари од криминални приходи и со седум обвиненија за измама против јавни институции и организации. Новинската агенција „Анадолу“ процени дека обвиненијата би значеле затворска казна од 2.430 години.
Освен за корупција, обвинителите го обвинија Имамоглу и за други кривични дела, како шпионажа и фалсификување на универзитетска диплома, која во меѓувреме му беше поништена, поради што и не би можел да се кандидира за претседател.



