Лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ е убиен утрово во Косовска Митровица, откако врз него било пукано пред просториите на неговата партија Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“.
„За жал, би сакал ова да не е вистина, но лекарите го прогласија Оливер Ивановиќ за мртов еден час по пукањето“, изјави адвокатот на Ивановиќ, Небојша Влајиќ.
Српските медиуми објавија дека непознати напаѓачи од заседа отвориле оган врз Ивановиќ пред седиштето на неговата партија, при што тој бил погоден со пет куршуми. Тој набргу потоа им подлегнал на повредите. Автомобилот со кој избегале убијците подоцна бил пронајден запален.
Шеесет и четиригодишниот Ивановиќ имаше значајна улога на политичката сцена на Косово од 1999 година, а од 2008 година беше државен секретар за Косово и Метохија.