Шефот на најпознатата палестинска фракција која се бори против Хамас во Газа е убиен, објави групата Народни сили. Јасер Абу Шабаб беше бедуински племенски водач од Рафа кој ја предводеше најпознатата од неколкуте мали групи кои се појавија во Газа за време на војната. Неговата смрт ќе биде поттик за Хамас, кој го означи како соработник на Израел и им нареди на своите борци да го убијат или да го заробат.
Групата Народни сили објави дека Шабаб загинал во престрелка при семејна расправија и негираше дека бил убиен од Хамас. Други извори кажаа дека Шабаб загинал во внатрешна борба за превласт.
„Судбината што го снајде Абу Шабаб е неизбежна за сите кои ги предаваат својот народ и својата татковина и се задоволуваат да бидат алатки во рацете на окупаторот Израел“, соопшти Хамас.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху во јуни призна дека Израел вооружувал палестински кланови кои се борат против Хамас. Групата на Шабаб, која негираше дека добивала оружје од Израел, продолжила да дејствува во области на Газа под контрола на Израел и откако започна примирјето во октомври. Таа сега објави дека ќе продолжи по патот на Шабаб додека „не биде елиминиран последниот терорист во Газа“.
За време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023, Абу Шабаб бил во затвор под управа на Хамас за шверц на дрога. По почнувањето на војната тој излегол од затвор под нејасни околности. Во јуни беше објавено дека неговата банда се состои од стотина борци. Хамас го сметаше за израелски агент и предавник и јавно објави дека има намера да го убие.



