Бразилската полиција верува дека грчкиот амбасадор во земјата бил убиен од љубовникот на жена му по нејзина наредба во куќа во Рио и уапсени се тројца осомничени, соопштено е синоќа.
Амбасадорот Кирјакос Амиридис беше исчезнат од понеделникот во Нова Игуасу, град северно од Рио де Жанеиро, каде амбасадорот бил на одмор. Двојката поголемиот дел од годната живеела во главниот град Бразилија.
Вчера, полицијата изјави дека 29-годишниот полицаец Серхио Гомес Мореира Филхо признал дека го убил Амиридис, наводно во самоодбрана. Полицијата вели дека полицаецот имал љубовна врска со 40-годишната сопруга на амбасадорот Франсоаз. Внукот на Филхо, Едуардо де Мело, признал дека учествувал во убиството како помошник. Внукот ја обвини Франсоаз дека му понудила 25.000 долари за да учествува во убиството.
Судот одреди притвор за Франсоаз, љубовникот и неговиот внук.
Франсоаз негира било каква улога во наводниот заговор. Според полицијата, Франсоаза рекла дека таа не можела да го спречи Филхо да го убие сопругот и инсистирала дека не била дома во времето на злосторот. Но полицијата на прес конференција вчера изјави дека „доказите јасно укажуваат дека сопругата на амбасадорот е соучесник во злосторот“. Таа со љубовникот почнале да планираат да го убијат амбасадорот откако двојката имала сериозна кавга три дена пред Божик.
„Сите наши докази сугерираат дека нејзината мотивација била да ги искористи финансиските средства на амбасадорот за да ужива во животот со Серхио“, рече полицијата.
Првот знак дека амбасадорот бил убиен излезе доцна во четвртокот, кога полицијата најде траги од негова крв на софата во куќата на двојката во Нова Игуасу, каде што живее семејството на жена му. Филхо ѝ рекол на полицијата дека го задавил амбасадорот во тепачка, но крвавите траги на местото на злосторот укажуваат дека неговото тврдење не е точно. Соседите велат дека не чуле истрели, поради што полицијата верува дека тој го избодел Амиридис.
Истрагата покажа дека телото на Амиридис било изнесено од куќата во тепих во исто време кога Франсоаз дошла со нивната 10-годишна ќерка, која не го видела телото на мртвиот татко, вели полицијата.
Полицијата верува дека телото најдено во изгорената кола што Амиридис ја изнајмил на 21 декември е амбасадорот, но форензичките експерти сѐ уште работат за да потврдат дека е тој.
Бразилската влада изрази сочуство на Грција за смртта на амбасадорот.
На вебсајтот на Грчката амбасада во Бразил стои дека Амиридис ја почнал кариерата како дипломат во 1985 во Атина и стана грчки амбасадор во Бразил во 2016. Пред тоа бил грчки амбасадор во Либија и работел како конзул во Рио од 2001-2004.