УЧЕСНИЦИТЕ НА САМИТОТ ЗА ЛИБИЈА ВО БЕРЛИН СЕ ДОГОВОРИЈА ДА СЕ ПОЧИТУВА ЕМБАРГОТО ЗА ОРУЖЈЕ

    УЧЕСНИЦИТЕ НА САМИТОТ ЗА ЛИБИЈА ВО БЕРЛИН СЕ ДОГОВОРИЈА ДА СЕ ПОЧИТУВА ЕМБАРГОТО ЗА ОРУЖЈЕАнгела Меркел беше домаќин на самитот, на кој присуствуваа бројни светски лидери (Фото: АП)

    Германската канцеларка Ангела Меркел објави дека земјите кои имаат интереси во долгогодишниот конфликт во Либија се согласија да се почитува ембаргото за увоз на оружје, што досега често се кршеше.

    Учесниците на денешниот четиричасовен самит во Берлин се согласија да не им даваат натамошна воена поддршка на завојуваните страни во Либија додека трае прекинот на огнот.

    „Постигнат е сеопфатен план. Можам да кажам дека сите учесници беа навистина конструктивни. Се договоривме дека ембаргото за оружје треба да се почитува и дека тоа отсега треба да се контролира многу подобро“, кажа Меркел.

    Таа додаде дека учесниците на самитот ќе продолжат да одржуваат редовни средби, со цел на жителите на Либија да им се овозможи живот во мир.

    Генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутиереш ѝ се заблагодари на Меркел за нејзините исклучителни напори.

    Меркел ги нагости лидерите на 11 земји, а присуствуваа и главните ривали, либискиот премиер Фајез Сараџ и генералот Калифа Хафтар. Таа кажа дека со нив разговарала одделно.

    Воениот конфликт во Либија трае од 2011 година, кога беше соборен долгогодишниот лидер Моамер Гадафи. Либиската национална армија на Хафтар го контролира поголемиот дел од истокот на земјата и во септември покрена офанзива против владата во Триполи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира