Иранскиот ајатолах Али Хаменеи прогласи победа над Израел и САД во своето прво обраќање откако двете земји го прифатија прекинот на огнот предложен од Доналд Трамп. Хаменеи не беше виден повеќе од една недела, а последната изјава ја даде од непозната локација на 18 јуни.
Тој претходно се огласи на Икс, каде што му честиташе на иранскиот народ на „победата над кривоверниот ционистички режим“, додавајќи дека „Иран ѝ удрил силна шлаканица на Америка“.
„САД влегоа во директна војна зашто сметаа дека ако не го направат тоа, ционистичкиот режим ќе биде целосно уништен“, напиша иранскиот врховен водач на Икс.
Тој кажа дека САД не успеаја да постигнат ништо значајно со нападите врз иранските нуклеарни постројки.
„Доналд Трамп даде невообичаено преувеличен опис на она што се случи. Секој што слуша може да забележи дека САД претеруваат со работите за да ја искриват вистината. Ја нападнавме една од клучните американски бази во регионот, а тие се обидоа да го омаловажат тоа“, вели 86-годишниот Хаменеи.
Тој рече дека американските напади немале врска со иранската нуклеарна програма, туку со предавањето на Иран.
„Тие сакаа Иран да се предаде. Но, за голема земја и нација како Иран, самото спомнување на зборот предавање е навреда. Таков збор не постои во нашиот речник“.
На почетокот на 12-дневната војна, Трамп го спречил Израел во намерата да го убие Хаменеи и подоцна кажа дека не бара промена на режимот во Иран.