Украинските сили ги засилуваат темпото и обемот на својата противофанзива, ослободувајќи неколку помали населени места во југоисточниот регион Запорожје во изминатата недела, објави Институтот за проучување војна (ИПВ) со седиште во САД. Според него, главното украинско напредување е забележано 80 километри источно од градот Запорожје, каде што руските сили напредуваа од минатото лето.
Украинската војска, исто така, повратила контрола врз територии на фронтовите кај Харкив, Костјантинивка, Покровск и Новопавливка на североистокот и истокот на земјата. Украина почнала да ги забавува руските трупи пред една недела, а во многу области целосно го запрела нивното напредување.
ИПВ вели дека Украинците ги користат придобивките од неодамнешното блокирање на пристапот на руските сили до „Старлинк“ на Илон Маск.
Во почетокот на февруари, Министерството за одбрана на Украина и „СпејсЕкс“ им забранија на руските трупи да го користат „Старлинк“ за управување и контрола на дронови над Украина. И покрај тврдењата на „СпејсЕкс“ дека не продава и не испорачува „Старлинк“ во Русија и дека не работи со руската влада или нејзината војска на ниеден начин, украинските власти ја информирале компанијата дека руските трупи монтирале системи „Старлинк“ на дронови за напади подлабоко во Украина.
Украинските власти изјавија дека собрале докази за стотици напади од дронови опремени со „Старлинк“. Ова им овозможило на руските оператори да ја заобиколат електронската одбрана на Украина, што ги онеспособува дроновите со блокирање на ГПС и радиосигналите.
Додека “СпејсЕкс“ презеде неопходни мерки од своја страна, Украина започна верификација на сите терминали на „Старлинк“ во земјата. Оттогаш, руските трупи и проруските блогери се жалеа на проблеми со комуникацијата, командата и контролата на бојното поле.



