Вашингтон потврди дека ќе испрати нова пратка противтенковски проектили „џавелин“ за украинската војска, чија вкупна вредност е 100 милиони долари. Тоа е шести пакет американска воена помош за Украина од август минатата година.
Според Стејт департментот, од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, САД обезбедиле воена помош за Украина од 1,7 милијарди долари.
„Со новата помош што ќе ја обезбедат САД, Украина ќе добие дополнителни противтенковски системи ‘џавелин‘, што многу ефективно ги користат во одбраната на својата земја“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Со проектилите „џавелин“ може да се гаѓа кое било возило што емитува топлина, но се најефикасни против тенкови зашто можат да ги погодат од горната страна. Тие можат да се користат и против хеликоптери во низок лет.