Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека враќањето на Украина во границите пред 2014 година не е реално, а владата на Доналд Трамп не ја гледа Украина во НАТО како решение за крај на војната со Русија.
„Ние сакаме суверена и просперитетна Украина. Но, за почеток мора да признаеме дека враќањето на Украина во границите пред 2014 е нереалистично. Бркањето илузорна цел само ќе ја продолжи војната и предизвика уште страдања“, кажа Хегсет на состанок со воените сојузници на Украина во седиштето на НАТО во Брисел.
Тој исто така им порача на сојузниците од НАТО дека ќе мора да преземат поголема одговорност за безбедноста на Европа.
„Стратешките реалности како граничната безбедност на САД и заканите од Кина ја спречуваат Америка да биде примарно фокусирана на безбедноста на Европа“, кажа Хегсет.
Неговите забелешки за Украина се спротивни на оние на владата на Бајден и повеќето сојузници на Киев, кои кажаа дека ќе ја поддржуваат Украина колку што биде потребно и ја истакнуваа важноста на територијалниот интегритет. Неговите коментари, исто така, сугерираат дека Киев ќе мора да се откаже од некои од своите клучни воени цели, како враќање на територијата и обезбедување заштита од идни напади преку членство во НАТО.
Хегсет кажа дека секој договор за мир во Украина мора да вклучи безбедносни гаранции дека војната нема да почне повторно, но додаде дека американските трупи нема да бидат распоредени за да го гарантираат тоа.