Украина првпат потврди дека руските сили преминале во источниот индустриски регион Днипро и се обидуваат да се утврдат.
„Ова е прв напад од вака голем обем во регионот Днипро, но руското напредување е запрено“, изјави Виктор Трехубов од Оперативната стратешка група на украинската војска во Днипро.
Русија летово тврдеше дека влегла во оваа област откако нејзините трупи напредуваа низ Доњецк. Во почетокот на јуни, руски функционери кажаа дека почнала офанзива во Днипро, иако последните украински извештаи велат дека Русите едвај ја пробиле регионалната граница. Украинскиот проект за мапирање „Дипстејт“ објави дека руските сили сега контролираат две села во границите на Днипро, Запоризке и Новогригоривка, што беше демантирано од украинската војска.
„Запоризке и натаму е под контрола на украинската војска, додека активни борби се водат во областа на Новогригоривка“, објави генералштабот на украинската војска.
Днипро не е меѓу регионите за кои Русија тврди дека се нејзини, како Доњецк и Луганск, но ги напаѓа тамошните големи градови. Пред војната, Днипро имал над три милиони жители и бил вториот по големина центар на тешката индустрија, по Донбас.
Заменик-шефот на кабинетот на Володимир Зеленски, Павло Палиса, неодамна ги предупреди САД дека Русија сака да ја окупира целата Украина источно од реката Днипро, која ја дели земјата на половина.