Украина веќе почнала да користи балистички проектили со долг дострел што тајно ги добила од САД, потврдија американски функционери. Тие биле дел од пакетот од 300 милиони долари што Џо Бајден го одобрил во март и пристигнале овој месец.
Американските медиуми објавија дека тие биле користени најмалку еднаш за да се нападнат руски цели на Крим.
САД веќе ѝ имаа дадено на Украина системи „АТАЦМС“ со среден дострел, но досега одбиваа да испорачаат нешто помоќно. Сепак, Бајден тајно дал зелено светло да се испратат системи со долг дострел, со кои можат да се гаѓаат мети оддалечени и 300 километри.
„Можам да потврдам дека САД ја имаат снабдено Украина со системи ‘АТАЦМС‘ со долг дострел со лична наредба од претседателот“, изјави портпаролот на Белата куќа, Ведант Пател.
Не е познато колку вакви системи се испратени, но Вашингтон кажа дека Украина ќе добие уште.
Овие проектили првпат биле употребени минатата недела за да се нападне воен аеродром на окупираниот полуостров Крим, а со нив биле гаѓани и руските трупи во окупираниот пристаништен град Бердјанск во вторникот, објави „Њујорк тајмс“.