Украина го погоди десантниот брод „Константин Олшански“ што Русија го зароби по окупацијата на Крим во 2014, изјави портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук.
„Моментално, бродот не е борбено способен“, кажа Плетенчук, додавајќи дека во нападот биле користени проектили „нептун“, кои се од украинско производство.
Русија го присвои „Константин Олшански“ заедно со најголемиот дел од украинската морнарица кога го окупираше Крим.
„Бродот беше реновиран и подготвен да се употреби против Украина, па затоа беше донесена одлука да се нападне“, кажа Плетенчук.
Украина, која и натаму контролира стотици километри од крајбрежјето на Црното Море, моментално нема ниеден голем воен брод, но во изминатите месеци изведе серија успешни напади врз руската црноморска флота, користејќи проектили и поморски дронови. Украинската војска кажа дека во неделата погодила два руски десантни брода, „Јамал“ и „Азов“.