Украинската војска би можела да се повлече од големиот источен град Севернодонецк бидејќи руските сили се блиску да се го опколат, вели гувернерот на регионот Луханск Серхиј Хајдај.
„Можно е за да не бидат опколени, тие да мораат да си заминат“, кажа гувернерот, додавајќи дека руските сили веќе се навлезени во делови од градот.
По повлекувањето од околината на Киев и северот на Украина, Русија има за цел да го заземе целиот Донбас, во кој се вклучени регионите Донецк и Луханск. Севернодонецк е најголемиот град останат под украинска контрола во Луханск.
Украина бара од сојузниците артилерија и ракети со долг дострел за да го спречи напредувањето на Русија во Донбас, но досега нема добиено позитивен одговор.
Вчера, британскиот премиер Борис Џонсон кажа дека на Украина ѝ е потребна токму таква воена опрема.
„Се плашам дека Путин, и по голема цена за себеси и за руската армија, ќе продолжи да напредува низ Донбас. Тој продолжува да напредува бавно, но интензивно, и затоа тоа е апсолутно витално да продолжиме да ја поддржуваме Украина со воени средства“, изјави Џонсон за „Блумберг“.
Во Севернодонецк, гувернерот Хајдај кажа дека половина од станбените објекти се уништени и речиси секоја зграда е оштетена.
Патот што води до територија контролирана од Украина е често бомбардиран од руските сили, но е прооден, додаде тој.