Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу објави дека руските сили го зазеле источниот украински град Маринка, кој се наоѓа близу Доњецк. И заповедникот на украинската војска Валери Залужни потврди дека украинските сили се повлекле на периферијата на Маринка, која е веќе целосно уништена.
Маринка, која своевремено имаше 10.000 жители, се наоѓаше на првата линија на фронтот уште од 2014 и повторно се најде изложена на безмилосните руските напади по почетокот на војната во 2022.
„Во изминатите девет години, украинската војска создаде моќна утврдена област во Маринка, поврзана со подземни премини. Секоја улица беше посебно утврдена и заштитена од сите можни напади“, кажа Шојгу.
Путин го поздрави освојувањето на Маринка како успех, велејќи дека тоа дополнително ќе ги оддалечи украинските сили од Доњецк, кој редовно беше гранатиран оттаму.
„Руските сили сега имаат можност да се преселат во поширока оперативна област во регионот на Доњецк“, кажа Путин.
Залужни денеска го потврди повлекувањето на украинските трупи од Маринка, која служеше како одбранбена бариера од 2014.
„На некои места украинските трупи се вкопаа на периферијата на Маринка, а на други малку подалеку. Треба да се разбере дека е подобро да се зачуваат луѓето, а потоа да се обидеме повторно да ја освоиме“, рече тој.
Во изминатите недели, руските сили ги засилија нападите во неколку клучни области на 1.200 километри долгиот фронт, па покрај Маринка, се обидуваат да ги заземат и Авдивка и Купјанск.