Украинскиот парламент даде првично одобрување за закон со кој ќе се забрани Украинската православна црква (УПЦ), која Киев ја обвинува за соработка со Русија по почетокот на инвазијата. УПЦ, која вели дека веќе не е во согласност со Руската православна црква, ги негираше обвинувањата и смета дека ваков закон ќе биде неуставен.
„Законот доби поддршка од пратениците на првото читање. Пред да стапи на сила, треба да помине и на второто читање и потоа да биде одобрен од претседателот. Со законот ќе се забранат активностите на верските организации поврзани со центри на влијание во држава која врши вооружена агресија против Украина“, изјави пратеникот Јарослав Железњак.
Опишувајќи се како независна и одделна црква, УПЦ го обвини Киев дека се обидува да ги претстави нејзините украински свештеници и верници како агенти на Руската Федерација.
Украинските власти и многумина Украинци со години ја сметаа УПЦ за лојална на Москва. Владина комисија заклучи дека УПЦ и натаму е канонски поврзана со Русија, иако црквата во мај 2022 објави дека ги прекинува врските со Руската православна црква. Од почетокот на војната, украинските безбедносни служби отворија 68 кривични предмети против претставници на црквата, меѓу кои и за предавство.