Украинските антикорупциски агенции упаднаа во имоти на шефот на кабинетот на Володимир Зеленски, Андриј Јермак. Антикорупциското биро НАБУ потврди дека се вршат претреси и дека повеќе детали ќе бидат објавени дополнително.
Голем корупциски скандал во енергетскиот сектор ја тресе Украина во изминатиот период, во што се вмешани и луѓе блиски до Зеленски, но досега не беа покренати обвиненија против Јермак, кој важи за еден од најмоќните луѓе во земјата. Јермак е и водечки преговарач во актуелните мировни разговори со САД.
Тој кажа дека антикорупциските власти вршат „процедурални активности во неговиот дом“ и дека целосно соработува со нив.
Двајца министри беа сменети по откривањето на корупциската шема од 100 милиони долари, раководена од некогашниот деловен партнер на Зеленски, Тимур Миндич, кој избегал од земјата.
Според НАБУ, неколку лица формирале криминална банда и изградиле голема корупциска шема за да влијаат врз стратешките претпријатија од јавниот сектор, особено државниот оператор за нуклеарна енергија „Енергоатом“.



