Украинските воени советници кои пристигнаа на Блиски Исток по барање на Централната команда на американската војска си заминале запрепастени од она што го виделе во Персискиот Залив. Според весникот „Тајмс“, украинските офицери биле вџашени од тоа колку слободно некои заливски земји ги користат пресретнувачките проектили „патриот“, понекогаш испукувајќи и до осум ракети кон една цел, вклучувајќи и релативно евтини дронови.
Една ракета „патриот“ чини повеќе од три милиони долари.
„Кога пакет такви ракети се користи против беспилотно летало вредно само дел од таа сума, проблемот престанува да биде чисто воен, станува и економски. Во продолжена војна, таков вид аритметика почнува да работи против бранителот“, изјави еден украински офицер за „Тајмс“.
Според него, украинските екипи за противвоздушна одбрана работат многу поинаку.
„Тие обично испукуваат една или две ракети, дури и против руски балистички закани. Ефективноста, сепак, зависи од околностите – патеката на летот, густината на нападот, непријателската тактика, времето. Но, пристапот е различен“, вели тој.
Додава дека не му е јасно што правеле САД и нивните сојузници за четири години војна во Украина, сметајќи дека не ги совладале целосно тешките оперативни лекции што Украина ги научила низ годините постојани воздушни напади.
„‘СМ-6‘ се високо способни пресретнувачки проектили кои чинат по шест милиони долари, а се користат за уништување на дроновите ‘шахед‘, кои вредат околу 70.000 долари. Со најскапата можна алатка се одговара на евтина закана“, рече офицерот за „Тајмс“.



