Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф ќе се сретне со главниот украински преговарач Рустем Умеров во Флорида денеска, потврди Белата куќа. Ова следува два дена по разговорите Виткоф-Путин во Москва, на кои не беше постигнат напредок и компромис околу Украина, а Русија потоа кажа дека не прифатила некои делови од американскиот мировен план.
Доналд Трамп изјави дека разговорите биле релативно добри, но дека е нејасно што ќе се случи следно „зашто за танго се потребни двајца“.
„Имам впечаток дека Путин сака да склучи договор, но нејасно е што ќе се случува сега“, кажа Трамп.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го обвини Путин дека го троши времето на светот.
„Со некои точки се согласивме, некои работи ги критикувавме. Некои американски предлози изгледаат повеќе или помалку прифатливи, но за нив треба да се дискутира. Некои од формулациите што ни беа предложени не ни одговараат. Сè уште не сме смислиле компромисна верзија. Претстои многу работа“, изјави советникот за надворешна политика на Кремљ, Јури Ушаков.
Клучните несогласувања помеѓу Москва и Киев остануваат, како отстапување територии и безбедносни гаранции за Украина. Кремљ кажа дека една од клучните точки на разговорите во Москва била можноста за членство на Украина во НАТО, на што Русија жестоко се противи.
Ушаков навести дека руската преговарачка позиција е зајакната по последните успеси на руските сили на фронтот. Тие бавно напредуваат долж целата линија и пред разговорите во Москва беше објавено дека се заземени градовите Покровск, Вовчанск и Купјанск, што Украина го негираше. Според Институтот за проучување војна, руските сили освоиле 700 квадратни километри во ноември, со што сега контролираат 19,3% од Украина.
И додека Кремљ кажа дека Путин е спремен да се сретне со Американците „онолку пати колку што е потребно“, расте јазот помеѓу Русија и Европа. Путин дури кажа дека Русија е спремна за војна со Европа ако таа го сака тоа.



