Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова се обиде да ја објасни војната во Украина, или „специјалната воена операција“ како што официјално ја нарекуваат во Русија, обвинувајќи ја Украина за нацизам, бидејќи не сака да го сподели рецептот за боршч, супа со цвекло.
„Истата кампања беше спроведувана во Украина со години, секакви книги исчезнуваа: историски книги, етничка и културна литература, религиозни и детски книги. Дури и книги со рецепти за готвење беа забранети. Зошто? Затоа што не смее да се споделува боршч, невозможно е. Требаше да му припаѓа само на еден. На една нација, една националност. Невозможно е дека треба да се сподели и да може секоја домаќинка во регионот да го зготви на свој начин – не! Тие не сакаа компромис. За ова зборуваме. Ксeнофобија, нацизам, екстремизам во секоја форма“, кажа Захарова на редовниот брифинг за ситуацијата во Украина.
Боршч е супа од цвекло, популарна во источна Европа, посебно во украинската, руската и полската кујна. Потекнува од Украина и се готви на бројни начини со разни намирници.
На истиот брифинг, Захарова кажа дека „режимот во Киев гранатира резиденцијални квартови, уништувајќи ги своите луѓе и ја води земјата во хуманитарна катастрофа со поддршка од Америка и Европа кои испраќаат оружје во Украина“.