Пожар избувна во балтички терминал што му припаѓа на најголемиот руски производител на течен природен гас „Новатек“ по наводен напад со дрон, при што компанијата привремено запрела дел од своите операции. Комплексот „Уст-Луга“ е сместен во Финскиот Залив, 170 километри западно од Санкт Петербург.
Повикувајќи се на неименувани извори, украинската новинска агенција „Интерфакс“ објави дека пожарот е резултат на специјална операција изведена од украинските безбедносни служби.
„Терминалот ‘Уст-Луга‘ во регионот Ленинград е важен објект за непријателот. Успешен напад на таков терминал не предизвикува само екомомска штета, туку и го лишува окупаторот од можноста да заработува пари за да ја води војната во Украина и значајно ја усложнува доставата на гориво за руската војска“, изјави еден извор.
Гувернерот на Ленинград, Александар Дрозденко, кажа дека во несреќата немало жртви и дека пожарот веќе бил ставен под контрола. Руските медиуми објавија дека се оштетени два резервоара и пумпна станица.