Премиерот на Ирак Хаидер ал-Абади рече дека уништувањето на древната џамија во градот Мосул е официјална декларација на пораз од таканаречената Исламска Држава.
Ирачките воени сили велат дека ИД ја дигнала во воздух Големата џамија ал-Нури и нејзиното славно минаре додека џихадистите се бореле да ги сопрат владините војници кои брзо напредувале кон нивните позиции. ИД, пак, тврди дека американски авион ја уништил џамијата, тврдење што беше демантирано од САД.
Фотографиите покажуваат дека целиот комплекс на џамијата, која што е стара над 800 години, е уништен. Токму во таа џамија во јули 2014 година, лидерот на ИД Абу Бакр ал-Багдади го имаше првото и единствено појавување во јавност откако неколку дена претходно го прогласи таканаречениот калифат.