Најмалку двајца загинале и уште двајца се тешко повредени на карипските острови Сент Бартс и Сент Мартин од ударот на ураганот Ирма, соопшти францускиот министер за прекуокеанските територии Аник Жирардин.
Уште едно лице загинало на Барбуда, каде што речиси 90 отсто од зградите се тешко оштетени, изјави премиерот Гастон Браун на локалната телевизија.
Стент Бартс е популарно одмаралиште на светскиот џет сет, а соседниот Сент Мартин припаѓа на Холандските Антили и е поделен помеѓу Франција и Холандија. На него се наоѓа познатата плажа Махо над која слетуваат авионите на француски, холандски и американски авиокомпании. Според аматерските снимки на холандски туристи, аеродромот популарен кај авио зависниците е речиси уништен од дождот проследен со силните ветришта кои стигнувале и над 300 км на час.
Ураганот Ирма на својата патека направил штета и на Британските Девствени острови, Порторико и Бахамите.
Ова е до сега најсилен ураган на Атлантикот, а зад него веќе се движи ураганот Хозе. Во Мексиканскиот залив се формира и ураганот Катја. Невремето се приближува кон американската држава Флорида каде што веќе е прогласена вонредна состојба. Се очекува Ирма прво да удри на Мајами и затоа е наредена евакуација на околу 20.000 жители во зградите со ниска катност на блиските острови Ки Вест.