УШТЕ ДЕВЕТ УБИЕНИ ВО ИРАН, ВЛАСТИТЕ ОБВИНУВААТ СТРАНСКИ ЗЕМЈИ ЗА ПРОТЕСТИТЕ

    УШТЕ ДЕВЕТ УБИЕНИ ВО ИРАН, ВЛАСТИТЕ ОБВИНУВААТ СТРАНСКИ ЗЕМЈИ ЗА ПРОТЕСТИТЕПротестите почнаа со економски мотиви, па добија политичка димензија (Фото: АП)

    Уште девет лица загинаа ноќеска во судирите на демонстрантите и безбедносните сили, соопшти државната телевизија, како што протестите во Иран влегоа во својот шести ден.

    Шестмина биле убиени при напад на полициска станица во градот Кадериџан, две лица загинале во Хомеинишар, меѓу кои и 11-годишно дете, а Иранската револуционерна гарда објави дека еден нејзин припадник бил смртно застрелан од вооружен демонстрант.

    Протестите кои почнаа во четвртокот во Машад поради лошата економска ситуација и покачувањето на цените на храната набргу се проширија во други градови, добивајќи и политичка димензија.

    Се проценува дека досега загинале вкупно 21 лице.

    Во своето прво обраќање од почнувањето на протестите, ајатолах Али Хаменеи обвини странски земји за она што се случува во Иран.

    „Изминативе денови, непријателите на државата користеа пари, оружје, политика и разузнавачки апарати за да предизвикаат проблеми во нашиот исламски систем. Ќе кажеме повеќе за ова во наредните денови“, изјави Али Хаменеи.

    Агенцијата ИЛНА објави дека 450 демонстранти биле уапсени во последните три дена, додека властите немаат дадено податоци за ова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира