Уставниот суд на Шпанија го забрани одржувањето на најавената седница на каталонскиот парламент в понеделник, во обид да го спречи едностраното прогласување на независност.
Судот соопшти дека тоа би значело кршење на уставот. Претходно, и шпанскиот премиер Маријано Рахој испрати исто предупредување до каталонските власти.
Лидерот на Каталонија, Карлес Пуигдемонт, најави дека одлуката за прогласување независност ќе се донесе кон крајот на оваа или во почетокот на наредната недела.
Уставниот суд заседаваше не на барање на владата во Мадрид, туку на Социјалистичката партија на Каталонија, која се противи на отцепувањето на регионот.
„Ако му се дозволи на регионалниот парламент да се состане и да прогласи независност, тоа би значело кршење на правата на пратениците од редовите на оваа партија“, заклучи судот.
Социјалистите освоија 13% гласови на изборите во 2015 година и имаат 13 пратеници во каталонскиот парламент.