ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 НА ОКСФОРД СОЗДАВА ИМУНОЛОШКИ ОДГОВОР И КАЈ СТАРИ И КАЈ МЛАДИ ЛИЦА, ОБЈАВИ „АСТРАЗЕНЕКА“

    ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 НА ОКСФОРД СОЗДАВА ИМУНОЛОШКИ ОДГОВОР И КАЈ СТАРИ И КАЈ МЛАДИ ЛИЦА, ОБЈАВИ „АСТРАЗЕНЕКА“Оксфорд и „АстраЗенека“ се сметаат за светски лидери во развојот на вакцина против ковид-19 (Фото: Гети)

    Вакцината против ковид-19 што ја развива Универзитетот Оксфорд создава имунолошки одговор и кај млади и кај стари лица, а несаканите реакции се помали кај постарите, соопшти неговиот партнер „АстраЗенека“.

    Цитирајќи два извора упатени во истражувањето, „Фајненшл тајмс“ објави дека оваа вакцина поттикнува заштитни антитела и Т-клетки кај повозрасните луѓе, кои се сметаат за една од најранливите категории во пандемијата на коронавирусот. Овие резултати се надоврзуваат на откритијата од јули кои покажаа дека вакцината на Оксфорд создала силен имунолошки одговор кај лицата од 18 до 55 години.

    „Охрабрувачки е што имунолошките одговори се слични и кај постарите и кај помладите лица и дека несаканите реакции се помали кај постарите, кај кои постои поголема опасност од појава на сериозен облик на ковид-19. Овие резултати даваат дополнителен доказ за безбедноста и ефективноста на вакцината АЗД1222“, соопшти „АстраЗенека“.

    Оксфорд и „АстраЗенека“ се сметаат за светски лидери во развојот на вакцина против ковид-19 и британскиот министер за здравство Мет Хенкок кажа дека нејзината дистрибуција би можела да се очекува во првата половина на 2021.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира