Владимир Путин испрати фрегата во Атлантски Океан вооружена со новата генерација хиперсонични крстосувачки проектили, испраќајќи му сигнал на западот дека не планира да потклекне во војната во Украина.
Русија, Кина и САД се тркаат во развојот на хиперсонични оружја, чии предности се брзината и способноста за маневрирање.
Во видеоразговорот со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и заповедникот на фрегатата „Адмирал Горшков“, Игор Крохмал, Путин кажа дека бродот е вооружен со хиперсоничното оружје „циркон“.
„Овојпат, бродот е опремен со најновиот хиперсоничен ракетен систем ‘циркон‘. Сигурен сум дека вака моќните оружја ќе ја заштитат Русија од потенцијалните надворешни закани“, кажа Путин, додавајќи дека нема ништо слично на ова оружје на светот.
Русија тврди дека веќе користела хиперсонично оружје во Украина, проектилите „кинжал“.
Заедно со хиперсоничното лизгачко возило „авангард“, кое влезе во службата во 2019, „циркон“ го формира врвот на рускиот хиперсоничен арсенал. Поради неговото маневрирање, целта на хиперсоничното оружје многу потешко може да се пресмета отколку за интерконтиненталните балистички ракети.