Велика Британија денеска ја призна палестинската држава откако Израел не ги испочитува условите поставени во јули од премиерот Кир Стармер, вклучувајќи прекин на огнот.
„За да ја оживееме надежта за мир за Палестинците и Израелците и за решение со две држави, Обединетото Кралство денеска и формално ја признава Државата Палестина. Ова не е награда за Хамас, туку значи дека Хамас нема иднина“, кажа Стармер и го повика Хамас да ги ослободи преостанатите заложници.
Одлуката има симболична тежина бидејќи Велика Британија одигра голема улога во создавањето на Израел како модерна нација по Втората светска војна и долго време е негов сојузник.
И Канада и Австралија денеска и формално ја признаа палестинската држава, а се очекува и други земји да го сторат тоа оваа недела на Генералното собрание на Обединетите нации. Ова веќе го најавија Франција, Луксембург и Португалија.
Стармер во јули најави дека Британија ќе ја признае Палестина ако Израел не преземе чекори за ставање крај на ужасната ситуација во Газа.
„Ова означува неповратен чекор кон правдата и мирот и исправка на историските неправди“, кажа Хусам Зомлот, шефот на палестинската мисија во Лондон.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху овој месец изјави дека никогаш нема да има палестинска држава и ги обвини земјите кои ја признаваат Палестина дека го наградуваат „монструозниот тероризам на Хамас“.
„Самите лидери на Хамас отворено велат дека ова признание е директен резултат на масакрот од 7 октомври“, кажа израелското министерство за надворешни работи.
Австралија соопшти дека признавањето на Палестина е дел од меѓународните напори за решение со две држави.