Николас Мадуро беше на власт во Венецуела од 2013, а минатата година го освои третиот претседателски мандат на изборите чии резултати беа оспорени од опозицијата и од повеќето држави. Некогашниот возач на автобус кој стана еден од најголемите непријатели на САД веројатно го доживеа својот политички крај ноќеска по молневитата акција на американската војска, во која, како што тврди Доналд Трамп, беше заробен и изнесен од земјата.
Во ерата на 63-годишниот Мадуро, некогаш релативно богатата јужноамериканска нација доживеа продолжен економски колапс, што предизвика егзодус на околу 7,7 милиони мигранти. Венецуела, која е членка на ОПЕК, е водена од социјалистите повеќе од четврт век, од победата на Уго Чавес на претседателските избори во 1998.
Според извештај на Обединетите нации, речиси 82% од жителите на Венецуела живеат во сиромаштија, а 53% се екстремно сиромашни и во неможност да ги купат основните прехранбени намирници.
Откако третпат беше прогласен за претседател, Мадуро вети дека ќе воспостави мир и најави период на раст во кој економијата веќе нема да зависи од приходите од нафта. Години лошо управување, пад на цените на нафтата и американските санкции го намалија производството на сурова нафта во Венецуела, но речиси 60% од приходот на земјата дојдоа од нафта во 2024, според официјалните бројки.
Критичарите, и дома и во странство, го опишуваа Мадуро како диктатор кој ги затвора и прогонува политичките противници и постојано и неправедно ги спречува кандидатите на опозицијата да учествуваат на избори. Тој често во јавност ги навредуваше опозициските политичари и ги обвинуваше за саботажи.
САД долго време го обвинуваат Мадуро дека предводи меѓународна организација за трговија со дрога, што тој го негира. Вашингтон притоа понуди награда од 50 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење.
Нејасно е што ќе се случува во Венецуела по заминувањето на Мадуро. Многумина сметаат дека доаѓањето на опозицијата на власт нема да оди така лесно. Војската и паравоените сили во Венецуела му останаа лојални на Мадуро, а некои негови критичари стравуваа дека директна интервенција на САД би можела да доведе до натамошна дестабилизација во земјата.



